КОРИСНИ СОВЕТИ ЗА СРЕЌЕН ЖИВОТ
Превод на тема на
- العربية - Arabic
- پښتو - Pashto
- اردو - Urdu
- Kinyarwanda - Kinyarwanda
- dansk - Danish
- English - English
- Malagasy - Malagasy
- Nederlands - Dutch
- magyar - Hungarian
- українська - Ukrainian
- Shqip - Albanian
- ئۇيغۇرچە - Uyghur
- Akan - Akan
- Hausa - Hausa
- සිංහල - Sinhala
- тоҷикӣ - Tajik
- தமிழ் - Tamil
- қазақ тілі - Kazakh
- অসমীয়া - Assamese
- नेपाली - Nepali
- română - Romanian
- Српски - Serbian
- Deutsch - German
- Tiếng Việt - Vietnamese
- മലയാളം - Malayalam
- বাংলা - Bengali
- فارسی - Persian
- ไทย - Thai
- bosanski - Bosnian
- 中文 - Chinese
- हिन्दी - Hindi
- Français - French
- Bahasa Indonesia - Indonesian
- Ўзбек - Uzbek
- Türkçe - Turkish
- తెలుగు - Telugu
- português - Portuguese
- فارسی دری - Unnamed
- Soomaali - Somali
- ગુજરાતી - Unnamed
- Kurdî - Kurdish
Категории
Full Description
- КОРИСНИ СОВЕТИ ЗА СРЕЌЕН ЖИВОТ
- Кратка биографија на авторот
- Вовед на авторот:
- Поглавје: Темелот на сите причини, најголемата причина и суштината на постигнување на среќниот живот е во верувањето и во чинењето добри дела
- Поглавје: Начини за отстранување на неспокојот кој е резултат на нервното растројство причинето од зафатеност на срцето со работи кои предизвикуваат потиштеност
- Поглавје: За најголемите причини за спокојство и смиреност
- Поглавје: За средствата преку кои се постигнува среќата и се отстрануваат грижата и тагата
- Поглавје: Околу најкорисните средства за отстранување на неспокојот и грижата кога човек ќе се соочи со несреќа
- Поглавје: За најдобриот лек за нервните, срцеви и телесните болести
- Поглавје: За хадисот во кој се вели: „Верникот не може да мрази верничка...“
- Поглавје: За разумниот кој е свесен дека вистинскиот живот е среќниот и сталожениот живот, а тој е краток
КОРИСНИ СОВЕТИ ЗА СРЕЌЕН ЖИВОТ
Автор: Абдурахман Насир Ес Са'диј
Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот
Кратка биографија на авторот
Брошурава пред тебе дава општи насоки за вистинската среќа кон која целат и заради која се ангажираат луѓето. Патот кон среќата и нејзините контури се исцртани врз база на аргументите содржани во Благородниот Куран и мудрите упатства на Божјиот пратеник, далеку од човечката ограниченост и склоност кон прекорачување на ограничувањата. Тоа е истата среќа која ја посакува човекот-верник, која ја живее заедницата на верници, таа е единствениот пат за трасирање на животниот пат во согласност со побожноста и со Аллаховото задоволство. Авторот на оваа книга е познатиот алим, почитуваниот хоџа Абдурахман ибн Насир Ес Са'диј, роден во градот Унејзе во Касим, во покраината Неџд на Кралството на Саудиска Арабија. Останал без родители во раното детство и се одликувал со разборитост, интелигенција и желба за знаење. Започнал рано со учење на Куранот и истиот го научил напамет кога наполнил дванаесет години. Продолжил со трагање по знаењето кај учените луѓе во градот и кај оние кои го посетувале неговиот роден град. На патот во потрага по знаењето вложил труд и како резултат на истиот се стекнал со опширно знаење и познавања.
Кога наполнил дваесет и три години почнал и со предавања.Така, потрагата по корисното знаење ја надополнил и со ширење на истото. Својот живот го исполнил со таа благородна работа, со него се сретнале многу алими и од него научиле корисни работи.
Некои од неговите учители:
Шејх Ибрахим ибн Хамед ибн Џасир, кај кого првпат почнал да учи.
Шејх Салих бин Осман, кадија во градот Унејзе, кај кого ги учел следниве области: Основи на исламското право (Усул), Исламско право (Фикх), Исламски монотеизам (Теухид), Коментар на Куранот (Тефсир) и Арапски јазик. Од него учел сѐ до неговата смрт. Овој исламски авторитет бил познат по неговото особено познавање на исламското право и неговите основи и големото искуство од темите на исламскиот монотеизам поради ангажманот со автентични книги и посебниот интерес за делата на Ибн Тејмије и Ибн Кајим.
Посебен интерес покажал кон Тефсирот и неговите гранки, и истиот го усовршил и се докажал како авторитет. Автор е на неколку дела од областа на Тефсирот:
„Тејсирул Керими Рахман фи тефсири келамил Менан – Олеснување на Благородниот и Сомилосниот коментар на говорот на Дарежливиот“ – 8 тома.
„Тејсирул Летифил Менан – Олеснување на Благиот и Дарежливиот“ – скратена верзија на првото дело.
„Ел Каваид ел хисан ли тефсирил Кур'ан – Убави правила за коментар на Куранот“.
Негови дела кои се перпорачани да се имаат и да се читаат заедно со гореспомнатите се и следниве:
„Ел Иршад ила марифетил ахкам – Упатство кон осознавање на прописите“.
„Ер Ријад ен надире – Прекрасните градини“.
„Бехџетул кулубил ебрар – Радоста на побожните срца“.
„Менхеџу саликин ве тевдих ел фикх фид дин – Методологијата на аскетите и објаснување на сфаќањето на верата“.
„Хукму шурби духан ве беј'ихи ве шираихи – Прописот за пушење и купопродажба на тутунот“.
Ел Фетава ес Са'дије – Фетви на Ес Са'диј“
Автор е и на три тома со петочни хутби.
„Ел хак-кул ел вадих ел мубин би шерх теухидил енбија вел мурселин –Јасната и недвосмислена вистина, осврт кон монотеизмот на Божјите пратеници“.
Коментар на Поемата „Ел Кафије Еш Шафије – Доволна и лековита“ на авторот Ибн Кајим.
Автор е на бројни дела од областа на Фикх, Теухид, Хадис, Основи на фикх, општествени студии и шеријатски децизии-фетви. На крајот на животот се соочи со тешка и ненадејна болест која ја наговестуваше неговата блиска смрт. Почина во четвртокот на 23-иот ден од месецот Џумада Саније 1376 хиџретска година во градот Унејзе. Се натажил секој кој го познавал и сите сведочат за неизбришливата трага која ја оставил зад себе. Аллах нека му се смилува со неговата бескрајна милост и нека ни овозможи да научиме повеќе преку неговото знаење и книги. Амин.
Вовед на авторот:
Сета благодарност му припаѓа на Аллах. Сведочам дека Аллах е единствениот Бог, кому никој не му е рамен, и дека Мухамед е Негов роб и пратеник, Божјиот благослов и мир нека се над него, над неговото семејство и неговите следбеници. По овој вовед велам дека сите ние тежнееме кон среќно и спокојно срце, далеку од грижите и вознемиреноста. Со такво срце се живее убаво и се постигнува среќа и радост. За постигнување на таа цел постојат верски, природни, но и практични причини и истите можеме да ги најдеме на едно место само кај верниците. Што се однесува на другите (тие кои не веруваат) кај нив може да се постигне еден аспект или некоја посебна причина за среќа околу која се ангажираат умните меѓу нив. Од друга страна, тие се лишени од другите аспекти на среќа, кои се покорисни, постабилни и со подобра моментална и идна состојба.
Во оваа брошура ќе ги спомнам причините, кои ги сметам за важни, а преку кои се постигнува оваа возвишена цел, околу која се ангажираат сите
Една група луѓе поседува многу и живее со удобен живот, додека, пак, друга се соочува со неуспех и живеат тежок, несреќен и беден живот.
Има и такви кои живеат помеѓу двете крајности според она кое им е од Бога одредено (дадено).
Аллах е Тој кој одредува (дава и лишува) и од Него се бара помош за секое добро и за отстранување на секое зло.
Поглавје: Темелот на сите причини, најголемата причина и суштината на постигнување на среќниот живот е во верувањето и во чинењето добри дела
Темелот на сите причини, најголемата причина и суштината на постигнување на среќниот живот е во верувањето и во чинењето добри дела, Аллах, субханеху ве теала, вели: „На тој што прави добро, било маж или жена, а верник е, Ние ќе му дадеме да проживее убав живот и навистина ќе ги наградиме со подобро одошто го правеле.“ (Ен Нахл, 97)
Возвишениот нѐ известил и ветил убав живот на овој свет за оние кај кои заедно ќе се најдат верувањето и добрите дела. Тој за истите ветил и добра награда на овој свет и во вечниот живот. Причината е очигледна: верниците исправно веруваат и видливи се плодовите на тоа верување преку добри дела, срцевата добрина, убавото однесување и грижа за овој и за вечниот свет, со тоа верување ги поседуваат основите и темелите од кои зависи нивната радост и среќа, но и грижата, вознемиреноста и тагата.
Тие ги прифаќаат и тажните и среќните моменти, благодарни се за истите и ги употребуваат за она кое им користи. Ваквото нивно користење им предизвикува задоволство, желба истите да останат, да биде долготраен нивниот бериќет и се надеваат на наградата на благодарните. Доколку се благодарни ќе им се дадат добрини и бериќети кои ги надминуваат убавините на среќните моменти кои веќе ги доживеале.
При соочување со нелагодност, незгода, грижа и вознемиреност тие се спротивставуваат онолку колку што можат, и се обидуваат да го ублажат она што може да биде ублажено, притоа искажувајќи трпеливост за неизбежното. На тој начин тие, преку потешкотиите, се здобиваат со корисен имунитет, искуство и сила. Преку трпението и надежта за награда и севапи верникот ги надминува сите доживеани потешкотии. Тој е во очекување на среќни моменти, надеж за убав живот, ја очекува Божјата добрина и награда која е искажана во овој автентичен хадис на Божјиот пратеник, Аллаховиот благослов и мир нека се над него: „Прекрасен е примерот на верникот, тој секогаш е добитник. Кога ќе му се случи нешто добро ќе искаже благодарност и тоа ќе биде добивка за него. Ако го снајде некоја несреќа ќе искаже трпеливост и така повтроно ќе биде добитник. Ова му следува само на тој што е верник.“ (Муслим)
Овој хадис потврдува дека за верникот се намножуваат бенефитите, добивките и плодовите на неговите дела при секоја состојба со која се соочува, било да се работи за неволји или за среќни моменти. Постојат две категории на луѓе кои се соочуваат со среќни и несреќни моменти, но реагираат различно како резултат на различните степени на верување и на добри дела. Опишаниот со овие две особини, и доброто и лошото го прифаќа со благодарност и со трпение и следствено тој чувствува среќа и радост, нема грижа ниту вознемиреност, нема анксиозност и душевна мака. Нема несреќен живот и тој човек живее убав живот на овој свет.
Другиот дури и на убавините реагира бурно, неблагодарно и ги преминува своите граници. Се менува неговото однесување и реагира дури и како животно, страствено и со вознемиреност. Неговото срце нема спокој и растргнато е на многу страни, се појавува и страв дека ќе ги загуби работите кои ги сака. Неговиот дух не престанува да посакува работи кои можеби ќе ги постигне а можеби и нема да постигне, а и тогаш кога ќе ги постигне продолжува да чувствува вознемиреност од аспекти кои веќе ги спомнавме. При соочување со нелагодности раздразлив е, се плаши, нема трпение, а за чувството на несреќа не прашувај. Се соочува со душевни и нервни болести кои се резултат на стравот кој може да го доведе до грозна состојба затоа што не се надева на награда, ниту, пак, има трпение кое може да му го намали товарот и да му ја олесни состојбата. Сето ова го потврдува искуството. Доколку внимателно размислиш за ова правило и истото го споредиш со состојбата на луѓето ќе ја согледаш големата разлика помеѓу верникот кој работи согласно на свотето верување и другиот кој не е таков. Тоа правило потврдува дека верата ги поттикнува верниците да бидат задоволни со она кое им го одредил Бог и со сето она, од различните балагодати, кое Тој, Дарежливиот Бог Дарител им го дал.
Кога верникот ќе биде ставен на искушение со болест, сиромаштво или друга состојба на која сите сме изложени, тој со своето верување и убедување ќе биде задоволен со она кое му е од Бог дадено. Смирен е и со своето срце не тежнее кон нешто кое е надвор од неговите моќи, ги гледа тие под него а не тие над него. Тој можеби е и посреќен, посмирен и поспокоен oд некого кому му се исполнети сите желби, но не му е дадено задоволство.
И тој што не работи соодветно со неговото искрено верување, во моментот кога се соочува со сиромаштво или недостаток на некоја негова потреба, забележуваме дека реагира тажно искажувајќи ја својата несреќа.
Друг пример: кога верникот ќе се соочи со страв или нешто што предизвикува вознемиреност, неговата реакција е соодветна со верувањето, стабилно срце, смирена душа, целосна контрола и менаџирање на оваа ситуација преку нему достапните размислувања, зборови и дејства, а во исто време подготвен ја дочекал оваа вознемиреност. Ваквата реакција го смирува човекот и го зацврстува неговото срце.
Сосема поинаку се однесува оној кој нема вера. Кога ќе се соочи со страв, реагира вознемирено, нервозно, не расудува правилно, исполнет е со страв и анксиозност. Се комбинираат надворешниот страв и внатрешната несигурност и тој не може правилно да расудува за суштината на работите.
Оваа категорија на луѓе доколку не најде природни причини, а кои бараат голем психички напор, чувствува снеможеност и нервно растројство поради недостатокот на иман кој го поттикнува на трпеливост, посебно во тешките ситуации, како и во ситуации на тага и вознемиреност.
И побожниот и грешникот, и верникот и неверникот имаат способност да се стекнат со храброст, инстикт кој го ублажува стравот и ја олеснува нелагодноста. Верникот, пак, се разликува поради силата на неговиот иман, трпение, потпирање врз Бога и очекување на наградата кои ја зголемуваат неговата храброст, го ублажуваат притисокот на стравот и ги олеснуваат потешкотиите. Возвишениот вели: „...ако вие трпите болка, и тие трпат болка како вас, а вие уште од Аллах се надевате на тоа на што тие не се надеваат!“ (Ен Ниса, 104)
Блиску до таквите е Аллаховата помош и Неговата поддршка со која се отклонуваат стравовите. Возвишениот, вели: „...и бидете трпеливи, бидејќи Аллах е навистина на страна на трпеливите!“ (Ел Енфал, 46)
Има повеќе начини за отстранување на грижата, тагата и вознемиреноста. Такви се: добротворството со зборови и дела како и други форми на доброчинство. Сите овие форми се корисни и во нив има добрина, и преку нив од побожниот и од грешникот, соодветно со количината, се отклонуваат грижите и вознемиреноста. Сепак, уделот на верникот е поголем и се разликува затоа што добротворството кај него е поттикнато со искреност и очекување на награда од Бога. Така, нему му е лесно да направи добро поради наградата која ја очекува (од Бога). Аллах, Возвишениот Господар, вели: „Нема добро во многуте нивни тајни разговори, освен кога повикуваат милостина да се дава или добри дела да се прават или, пак, мир меѓу луѓето да се воспостави. А кој тоа го прави со желба Аллаховото задоволство да го стекне, Ние голема награда ќе му дадеме!“ (Ен Ниса, 114)
Аллах нѐ известува дека сите овие дела се добри без оглед на тоа кој ги извршува, и дека последица на добрината е повторно добрина. Преку нив се спречува и злото. Верникот кој ја очекува Божјата награда за овие дела ќе добие голема награда, а дел од таа награда е: отстранување на грижите, тагата, нелагодноста итн.
Поглавје: Начини за отстранување на неспокојот кој е резултат на нервното растројство причинето од зафатеност на срцето со работи кои предизвикуваат потиштеност
Во начини за отстранување на неспокојот кој е резултат на нервното растројство причинето од преокупираност на срцето со работи кои предизвикуваат потиштеност спаѓаат: Фокусирањето на некоја работа или корисно знаење кое ќе го релаксира срцето и ќе го намали притисокот на грижата. Можеби тој ангажман ќе му овозможи да биде среќен и да заборави на причините за грижата и тагата. Ќе му се врати живоста. Во оваа причина имаат удел и верниците и неверниците, но верниците се разликуваат со нивниот иман, искреност и очекување на награда од Бога во сѐ она корисно кое го учи или го работи.
На пример, богослужењето останува богослужење, како што овоземската дејност останува иста, но ако е придружена добра намера, помага со истата да се постигне покорност кон Бога.
Сето тоа има видлив ефект во отстранување на грижата, вознемиреноста и тагата. Многу луѓе се соочуваат со тага и потиштеност, кои им предизвикуваат разни болести а за истите ефикасен лек е: Заборавање на причината за вознемиреноста и нелагодноста преку ангажирање со некоја корисна работа. При избор на работата која ќе ни биде преокупација треба да се внимава истата да биде посакувана и драга за човекот, така полесно ќе се постигне очекуваниот ефект, а Аллахово е апсолутното знаење. Во отстранување на грижата и потиштеноста помага и: Потполна концентрација околу моменталниот дневен ангажман со што ќе се намали размислувањето за идните проблеми и ќе се ублажи тагата за нешто што веќе е минато.
Поради оваа причина, Божјиот пратеник, Божјиот благослов и спас нека се над него, барал засолниште при Бога од грижата и тагата. Тагата е поврзана со минатото додека, пак, грижата е поврзана со страв од иднината. Верникот до максимум го живее моментот, се ангажира со сите свои сили да биде корисен во моментот и времето кое го живее. Целосната преокупацијата на срцето резултира со комплетирани дела кои се олеснување за грижите и за тагите.
Божјиот пратеник, Божјиот благослов и спас нека се над него, кога ќе упати молитва или кога ќе ја препорача таа молитва, целта му е да го поттикне уметот на барање помош од Бога и на надеж во Аллаховата добрина. Паралелно со молитвата верникот треба потполно да се анагажира за да го постигне она кое го посакува одалечувајќи се од она кое може да му наштети. Верникот се ангажира со она кое му е од корист по прашањето на оној и на овој свет. Од Бога бара да му даде успех во она кое го намерил и од Него бара помош. Божјиот пратеник, Божјиот благослов и спас нека се над него, вели: „Тежнеј кон она кое е корисно и барај помош од Бога и не очајувај. Ако нешто ти се случи немој да кажеш: ,Да направев вака ќе беше вака.' Кажи: ,Таква е Аллаховата одредба а Тој прави што сака.' Зборот ,кога би' му го отвора патот на шејтанот.“ (Муслим)
Божјиот пратеник, Божјиот благослов и спас нека се над него, на едно место советува за тежнеење кон корисни работи во секоја ситуација, кон барање помош од Бога и оддалечување од штетната пасивност. Тој ја истакнува и неизбежноста на минатите работи кои се дел од Божјата одредба и предестинација.
Во оваа ситуација имаме две опции:
Опција кога човек може да се ангажира да го постигне посакуваното или што е можно поблиску до посакуваното, да го олесни веќе слученото преку своите дела и преку Божјата помош.
Втората опција се однесува на она кое веќе се случило и тука човек треба да се смири, да биде задоволен со Божјата одредба и да му се предаде на Бога. Оваа опција предизвикува среќа и ги отстранува грижите и нелагодноста.
Поглавје: За најголемите причини за спокојство и смиреност
Една од најголемите причини за спокојство и смиреност е: Честото спомнување на Аллах кое има прекрасно влијание врз спокојството, смиреноста, оддалечувањето на грижите и вознемиреноста. Возвишениот вели: „...а срцата навистина, кога Аллах ќе се спомне, се смируваат.“ (Ер Рад, 28)
Спомнувањето на Бога има големо влијание во реализирањето на оваа цел, поради неговата специфичност како и поради бројните севапи и награди кои верникот ги очекува за тоа дело.
Спомнувањето на Божјите видливи и невидливи благодати, нивното осознавање и спомнување, ги оддалечуваат грижите и потиштеноста. Преку нив верникот се поттикнува да искаже благодарност за благодатите и да се искачи на висок степен на тие што се благодарни, па дури при состојба на сиромаштија, болест или друга форма на искушение.
Ако ги спореди Аллаховите благодати, кои се неограничени и не можат да се избројат ниту да се пресметаат, со нелагодноста со која е ставен на искушение ќе согледа дека нема место за споредба. Искушенијата и несреќите со кои се соочува верникот, доколку тој ги изврши своите должности, трпението, задоволството од Божјата одредба и преданоста на Бога, ќе бидат полесни и помалку болни. Размислувањето на божјиот роб за наградата која му е ветена како и побожноста искажана преку должноста да се биде трпелив и задоволен од Божјата одредба, ќе ја заменат горчината со сладина, сладината на наградата ќе ја стави во заборав горчината на трпението.
Во оваа состојба многу корисно е: Да се спроведе во пракса она на кое укажал Божјиот пратеник, Божјиот благослов и спас нека се над него: „Гледајте ги тие што се подолу од вас и немојте да ги гледате тие над вас, така нема да ги омаловажувате Божјите благодати кои ви се дадени.“ (Го пренесуваат Бухари и Муслим)
Верникот, кој внимателно ќе го забележи ова ќе согледа дека неговата благосостојба и сѐ што е поврзано со неа, како и неговиот р'ск и сѐ што е поврзано со него се многу поголеми од она што го поседуваат други луѓе. Така ќе ја снема неговата грижа и неспокој и ќе се зголеми радоста и среќата кон Божјите благодати кои ги поседува а кои се повеќе од она што го поседуваат многу други.
Колку подолго човек ги анализира видливите и невидливите благодати, овоземските и верските, ќе согледа дека Бог му дал многу добрини и го заштитил од многу зла. Нема сомнение дека така ќе се одалечи грижата и тагата и ќе се замени со радост и среќа.
Поглавје: За средствата преку кои се постигнува среќата и се отстрануваат грижата и тагата
Во групата на средства преку кои се постигнува среќата и се отстрануваат грижата и тагата спаѓа и: Вложување на труд да се отстранат причините за грижи и да се дојде со мотиви кои предизвикуваат среќа. Тоа ќе се постигне преку заборавање на непријатните моменти од минатото кои не можат да се вратат, преку осознавање дека размислувањето за минатото е апсурдно и дека промената на минатото е невозможна. Размислувањето за минатото е неразумност и лудило па затоа тој треба да го вложи максимумот да не размислува за минатото, а во исто време и да не се грижи за она што го очекува во иднина, плашејќи се од сиромаштво или друга состојба која ја претпоставува во неговата иднина.
Знаеме дека иднината е непозната за човекот и дека сѐ она што во иднина ќе се случи е во рацете на Силниот и Мудриот. Ништо од ова не е во рацете на човекот освен трудењето да се дојде до доброто и да се спречи штетното. Човек мора да знае дека ако го отфрли размислувањето за несигурната иднина, ако неговата благостостојба ја остави во Божји раце, ако се помири дека одреденото е неизбежно, тогаш неговата состојба ќе се поправи и ќе ги снема грижите и стравот. Во однос на иднината многу корисна е следнава молитва со која се молел Божјиот пратеник, Божјиот благослов и спас нека се над него: „Аллаху мој, поправи ја мојата вера која е моја сигурност, дај ми добро на овој свет затоа што тука живеам, уреди го мојот ахирет (оној свет) кон кого одам, мојот живот нека биде зголемување на сѐ она кое е добро, а смртта нека биде спас од сѐ што е лошо.“ (Муслим)
Слична е и оваа дова: „Аллаху, на Твојата милост се надевам, ниту еден момент не оставај ме без Твојата помош, поправи ги сите мои работи, Ти си единствениот вистински Бог.“ (Ебу Давуд со автентичен-сахих синџир на пренесувачи)
Ако верникот со сето свое срце и со искрена намера ја изговара оваа молитва во која е неговата овоземна, но и верска благосостојба, и притоа се ангажира да го реализира она што го посакува, Аллах ќе ја прими неговата молитва и ќе му ги реализира плановите и грижата ќе се замени со среќа и радост.
Поглавје: Околу најкорисните средства за отстранување на неспокојот и грижата кога човек ќе се соочи со несреќа
Едно од најкорисните средства за отстранување на неспокојот и грижата, кога човек ќе се соочи со несреќа е: Да се труди да дојде до олеснување преку претпоставка на најлошата можна опција, да се подготвува за истата и потоа да се труди да си олесни онолку колку тоа е можно. Со оваа подготовка и преку трудот вложен во оваа насока ќе се олеснат грижите и неспокојот. Да се труди да придобие корист и да ги спречи штетите колку што е можно. Кога ќе се соочи со страв, болест, немаштија и недостаток на тоа што го посакува од различните работи, нека се одбрани со смиреност, нека биде подготвен за вакви ситуации, па дури и за полоши. Таквата подготвеност ќе му овозможи да ги издржи потешкотиите и ќе го намали нивниот интензитет. Таков ќе биде исходот, особено кога со сите свои сили ќе им се спротивстави на потешкотиите а истовремено истите подготвено ќе ги дочека. Преку таа подготовка ќе ја обнови силата со која ќе им се спротивстави на потешкотиите, секако истовремено потпирајќи се врз Бога и имајќи убаво мислење за Него.
Нема сомнеж дека користа од овие работи е голема и истите причинуваат радост и широкоградост, заедно со моменталната и идната награда на која се надева верникот. Јасна потврда на кажаното наоѓаме кај многумина кои тоа го вкусиле.
Поглавје: За најдобриот лек за нервните, срцеви и телесните болести
Еден од најдобрите лекови за нервните, срцевитe и телесните болести е: Силното срце кое не се вознемирува со илузиите и мечтите кон кои водат лошите мисли. Секогаш кога човек ќе им се предаде на илузиите неговото срце ќе реагира на овие влијанија со страв од болест и слично, со лутина и конфузија поради причините за болка, со очекување на лоши работи кои ќе се случат и задоволства кои ќе ги снема. Ова ќе предизвика грижи и потиштеност, телесни и срцеви болести, нервно растројство кое има негативни последици потврдени со искуство. Кога со своето срце ќе се потпре врз Аллах, кога ќе има доверба во Него, кога нема да им се предаде на илузиите, кога ќе верува во Бога и ќе го посакува она кое Тој го дарува и кога нема да потпадне под власта на лошите мечти, тогаш ќе ги оддалечи грижите и потиштеноста. Така ќе се заштити и од многу болести, телесни и срцеви, срцето ќе му стане силно и ќе го зафати спокојство и среќа кои не можат да се опишат. Во болниците има многу болни кои се разболеле поради своите илузии и лошите мечтаења. Има многу случки кога овие работи имале влијание врз срцата на силните, а да не зборуваме за тие послабите! Сигурен е оној кого Аллах ќе го заштити и ќе му овозможи да вложи труд да дојде со средствата кои ќе го засилат неговото срце и ќе му ги олеснат грижите. Возвишениот Господар вели: „...тој што се потпира на Аллах, Тој му е доволен.“ (Ет Талак, 3)
Аллах му е доволен за сѐ што го загрижува од верските и овоземските прашања. Тој што се потпира на Аллах има силно срце врз кое не влијаат илузиите, не го плашат случките затоа што знае дека така реагираат слабаците. Не го плашат неспокојот и нереалниот страв, затоа што знае дека Аллах со целосна грижа ќе му помогне на оној што се потпира на Него, има доверба во Бога и смирен е со она кое Аллах му го ветил. Така ја отстранува грижата, потиштеноста, тешкотијата ја заменува со олеснување, тагата со радост, стравот со сигурност.
Семоќниот Бог го молиме да ни даде благосостојба, да ни даде сила во срцето, да биде стабилно и потполно да се потпира на Бога, затоа што Тој ветил дека таквото срце секогаш ќе има само добро и ќе биде заштитено од секоја нелагодност и зло.
Поглавје: За хадисот во кој се вели: „Верникот не може да мрази верничка...“
Во овој хадис на Божјиот пратеник, Аллаховиот спас и мир нека се над него, има две придобивки: „Верникот не може да ја мрази верничката (која му е сопруга), ако не му се допаѓа некое нејзино својство ќе му биде драга поради друго својство.“ (Муслим)
Првата придобивка: Упатство за однесување кон сопруга, кон роднина, кон пријател и соработник, и кон секој со кого имаш комуникација која те поврзува. Треба да бидеш душевно подготвен таква личност да има некој недостаток, мана или нешто што не ти се допаѓа. Кога тоа ќе го согледаш спореди го со добрите работи, во целина и во детали, кои ќе помогнат да се засили комуникацијата и да се зачува љубовта. Со ова занемарување на недостатоците и потенцирање на позитивните особини се потпомага и продлабочува пријателството и се постигнува взаемно спокојство.
Втората придобивка: Оваа придобивка се огледа во губење на грижата и неспокојот, се зачувува бистрината на духот и се исполнуваат сите должности, примарни и секундарни. Обете страни ќе почувствуват смиреност. Тој што нема да го спроведе овој совет на Божјиот пратеник, Аллаховиот спас и мир нека се над него, и ќе работи спротивно истакнувајќи ги недостатоците и занемарувајќи ги убавите својства, нема сомнеж дека ќе биде несреќен и тажен, ќе се нарушат односите со тие со кои имаме контакт, ќе се запостават многу права кои сите страни треба да ги почитуваат. Голем број на луѓе кои имаат високи амбиции се подготвуваат за соочување со катастрофи и нелагодности со трпение и смиреност, но при безвредни и едноставни работи се вознемируваат со што се поматува среќата. Причината е во фактот што тие се подготвуваат за соочување со големи работи а ги занемаруваат малите, а со тоа си нанесуваат штета и го нарушуваат расположението.
Непоколебливиот се подготвува за големи и за мали работи, од Бога бара да му помогне и не се потпира на себе дури ни за момент. Во таа ситуација лесен е и малиот и големиот проблем, во секоја ситуација тој е смирен, сталожен и спокоен.
Поглавје: За разумниот кој е свесен дека вистинскиот живот е среќниот и сталожениот живот, а тој е краток
Разумниот човек е свесен дека вистинскиот живот е среќниот и сталожениот живот, а тој е краток. Затоа тој краток живот не треба да се крати уште повеќе со грижи и меланхолично расположение. Таквиот став е спротивен на вистинското живеење и со него човекот е скржав кон своето живеење дозволувајќи да биде грабнато од грижите и нерасположението. По ова прашање иста е состојбата на побожниот и на грешникот, иако верникот има поголем удел кој ќе му користи на овој и на оној свет.
Кога човек ќе се најде во неприлика или има оправдан страв од истата, нека ги спореди останатите благодати кои ги поседува, овоземни и верски, нека ги спореди со нелагодноста која го снашла, и при таа споредба ќе го согледа големиот број на благодати кои ги поседува и ќе ги отстрани или минимизира несреќите кои му се случуваат.
Тој треба да го спореди она од кое се плаши со бројните можности да се спаси од нив, и да не дозволи послабата да ја надвладее посилната и побројната опција.
Tака ќе се отстрани грижата и стравот, претпоставувајќи дека ќе се случи повеќе веројатната опција, иако во исто време се подготвува за можната несреќа, трудејќи се да го спречи она што не се случило и да го отстрани или олесни она што веќе се случило. Корисни средства се и: Да знаеш дека вознемирувањата на луѓето, а посебно нивните вербални навреди, нема да ти наштетат тебе туку ним ќе им штети, освен доколку не им придадеш важност и не им дозволиш да завладеат со твоите емоции. Тогаш тие ќе ти наштетат и тебе и ним. Но доколку ги игнорираш, нема да имаш никаква штета.
Треба да знаеш дека твојот живот е последица на твоето размислување. Доколку твоите размислувања имаат позитивен ефект врз твојата побожност и овоземните работи тогаш ќе живееш убав и среќен живот. Во спротивно и ефектот ќе биде спротивен.
Во отстранувањето на грижите многу корисно е: Да бидеш подготвен да не очекуваш внимание од никого освен од Аллах. Кога ќе му направиш добро некому кој заслужил или некому кој не заслужил, знај дека тоа го правиш заради Аллах и врз тебе не влијае благодарноста на оној кому си му направил добро. За своите одбрани робови Возвишениот вели: „Ние само заради Аллаховото лице ве храниме, од вас ни признание ни благодарност не бараме!“ (Ел Инсан, 9) Ваквиот однос е приоритетен кон сопругата, децата и сите оние со кого имаме силна врска. Секогаш кога ќе се подготвиш да го отстраниш злото од нив ќе ги успокоиш и самиот ќе бидеш спокоен. Благосостојбата се постигнува и преку користење на добрините на овој свет и прегу ангажирање околу истите, но без претерување кое може да предивика нелагодност. Со пренапрегање можеби нема да ја постигнеш целта и ке се загубиш по кривулкавиот пат. Спротивно на ова однесување е она на мудриот кој и од нелагодноста извлекува корист и така се зголемуваат корисните, а се намалуваат штетните работи.
Фокусирај се врз корисните работи и потруди се да ги реализираш, избегувај ги штетните кои ќе ти донесат само тага и грижа. Барај засолниште во спокојноста и концентрирај се врз важните работи.
Корисни средства се и: Заврши ги моменталните должности за да бидеш слободен во иднина. Доколку тоа не го направиш ќе се натрупаат многу работи од минатото и нема да имаш време да им се посветиш на идните работи. Тоа ќе ти предизвика потешкотии. Доколку навремено ги завршиш сите работи на идните ќе можеш да им се посветиш со силен ум и со нови сили. Секогаш бирај ги поважните и покорисните работи. Разликувај ги корисните од оние кон кои тежнее твојата душа. Спротивното ќе предизвика безволност, досада и мрзливост. Барај лек во исправното размислување и консултацијата. Не се покајал тој што се консултирал. Тоа што сакаш да го направиш, анализирај го прецизно, а кога ќе ја согледаш користа потпри, се на Аллах, а Аллах ги сака тие кои се потпираат на Него.
Благодарноста му припаѓа на Господарот на световите, Божјиот благослов и спас нека се над нашиот избраник Мухамед, над неговото семејство и следбениците.